Заев: Нема субвенции братче ако не си остварил повисоко производство од лани
„Нема субвенции братче ако не си остварил повисоко производство од лани“ изјави Заев на гостувањето на телевизија Телма и уште еднаш потврди дека субвенциите во земјоделството ќе важат само за оние фирми кои ќе успеат да остварат производство поголемо за 10% во однос на минатата година.
Премиерот Заев во Топ Тема откри дека ќе има промени во начинот на кој се делат субвенции за земјоделците кои повеќе не може да се користат како социјална мерка, туку да се наменат за успешните земјоделци кои ќе постигнат резултати.
– Не може да се делат субвенции само за некој да добие пари. Министерството за земјоделие мора да направи стручна анализа што треба да се произведува, а Владата да ги отвори пазарите и да создаде можности. Дадените субвенции мора да имаат крајна цел, што значи со постигнати резултати ќе има и средства од државата. Доколку одредени земјоделски култури не проаѓаат на пазарот со цената и квантитет мора да има промена и кај земјоделците, посочи Заев.
Давањето на субвенции само на најуспешните фирми значи „сечење на покусата нога“ на оние земјоделци кои оствариле помалку продажби во дадената година кои и онака се соочуваат со загуби, а без предвиденото субвенционирање би пропаднале, со што стапката на сиромаштија би се зголемила, велат експерти. Ваквата логика води кон создавање на регионални моќници во земјоделието под чија капа би потпаднале помалите производители.