Отворен почесен конзулат на Мароко во Македонија

 Breaking News

Отворен почесен конзулат на Мароко во Македонија

Отворен почесен конзулат на Мароко во Македонија
October 04
15:14 2017

Во присуство на дипломатскиот кор и државниот врв свечено е отворен почесниот конзулат на Кралството Мароко во Македонија. Македонија и Мароко првпат воспоставија дипломатски односи на 18-ти септември 2002 година.

Функцијата на почесен конзул ја извршува Илија Малинковски, назначен на оваа позиција во септември минатата година, кој е истакнат член на заедницата и со својата работа придонесува за културно и економско зближување на двете земји. Свеченото отворање на конзулатот е продолжување на пријателските односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со взаемна почит и разбирање кон стратешките цели и националните приоритети.

Двете земји во досегашната комуникација развија нагорна динамика на средби и посети на високо дипломатско и политичко ниво, а паралелно се градеа и пријателските релации.

„Kако дополнување на одличните односи меѓу Македонија и Мароко и динамичната соработка со амбасадата на Мароко во Софија, јас сум сигурна дека активностите на почесниот конзулат ќе отворат нови можности за зајакнување на соработката во многу области од заеднички интерес за нашите земји, особено во областите на економијата, трговијата и инвестициите, како и дека почесниот конзулат ќе биде мост за засилена културна соработка.

И двете наши земји имаат голем потенцијал во овој поглед и не се сомневам дека почесниот конзул ќе може да даде дополнителен импулс и успешно да придонесе за натамошно збогатување на нашите односи и соработка“, изјави Арта Точи, заменик министер за надворешни работи. На чинот на свеченото отворање свое обраќање имаше и амбасадорката на Кралството Мароко, Закиа Ел Мидаоуи, која изјави:

„Почесниот конзулат ќе послужи како катализатор за трговија и инвестиции меѓу нашите две пријателски земји. Неговата главна улога ќе биде, меѓу другото, промовирање на мароканската култура, нејзината економија и интензивирање на билатералната соработка. Оваа официјална инаугурација на почесниот конзулат на Кралството Мароко во Македонија го одразува фактот дека двете земји придаваат фундаментална вредност за зајакнување на нивните билатерални односи во многу области и сектори од заеднички интерес.“

Свеченото отворање помина во духот на запознавање со културните наследства на двете земји низ богатата и традиционална гастрономија и етничките обележја, кои взаемно придонесуваат за и понатамошното развивање на пријателството и меѓусебното разбирање.

Related Articles