НАТО ја повтори поканата за Македонија, но штом ќе се најде решение за спорот за името

 Breaking News

НАТО ја повтори поканата за Македонија, но штом ќе се најде решение за спорот за името

НАТО ја повтори поканата за Македонија, но штом ќе се најде решение за спорот за името
July 10
11:23 2016

„Ја повторуваме нашата одлука од самитот во Букурешт во 2008 година, која беше повторена и на следните самити на НАТО, дека упатуваме покана до поранешната југословенска Република Македонија за членство во НАТО штом ќе се изнајде взаемно прифатливо решение на спорот за името. Оттаму, силно повикуваме на интензивни напори за да се најде решение на спорот. Поттикнуваме натамошни напори за развој на добрососедски односи”, пишува во заклучокот број 114 од завршното коминике во кое, во вкупно 139 точки, се содржани заклучоците од самитот кој заврши денес.

 

Понатаму, во точката 110 се истакнува дека НАТО останува посветен на политиката на отворена врата, односно дека ќе продолжи проширувањето на Алијансата. Поздравен е приемот на Црна Гора, која стана првата нова членка на НАТО од 2008 година, како доказ дека НАТО се уште се шири, и се оценува дека вратите остануваат отворени за сите европски демократски држави кои ги споделуваат вредностите на Алијансата и кои се способни и подготвени да ги преземат обврските на членството во НАТО.

“Одлуките за членство ќе ги носи само НАТО”, пишува во овој дел на заклучоците, со кој се упатува порака дека Русија или други надворешни сили немаат право на вето на проширувањето повикувајќи се на заштита на своите геополитички интереси. “Ги охрабруваме партнерските земји кои сакаат да се зачленат во Алијансата – Грузија, поранешната југословенска Република Македонија и Босна и Херцеговина, да продолжат да ги спроведуваат неопходните реформи и одлуки во подготовка за членство. Ние ќе продолжиме да им нудиме поддршка во нивните напори и да очекувам од нив да преземат чекори кои се неопходни за напредок во нивните аспирации”, пишува во заклучоците.

Во точката 114 дополнително се вели дека НАТО е загрижен од политичкиот развој на настаните во Македонија, со кој земјата се оддалечила од вредностите на НАТО, и се повикуваат македонските политички лидери целосно да ги исполнат своите обврски предвидени со договорот од Пржино.

“Ги препознаваме почетните чекори за имплементирање на овој договор и го обновуваме нашиот повик до сите партии да бидат ангажирани во ефективен демократски дијалог за да се подготват кредибилни избори, да се засили владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на судството. Ќе продолжиме одблиску да го следиме напредокот на Скопје во овие области, кои се дел од суштинските вредности на НАТО”, пишува во делот од заклучоците посветен на Македонија. На самиот крај, НАТО изразува благодарност за македонската посветеност кон меѓународната безбедност и македонскиот придонес кон мисиите на НАТО, учеството во регионалните дијалози и процеси на соработка и посветеноста на процесот на проширување на НАТО.

Related Articles