Германија ќе отвори регионално економско претставништво во Скопје

 Breaking News

Германија ќе отвори регионално економско претставништво во Скопје

Германија ќе отвори регионално економско претставништво во Скопје
September 09
08:54 2016

Регионално претставништво на германската економија ќе биде отворено во Скопје следниот месец, најави Холге Толксдорф, шеф на директоратот за ЕУ и проширување, Југоисточна Европа и Турција во сојузното Министерство за економија на Германија.

Во обраќањето на синоќешниот прием во Берлин по повод 25 годишнината од независноста на Македонија, јави дописникот на МИА, Толксдорф истакна дека Германија како ментор ја помагала Македонија во сите области на нејзиниот општествен живот како економски, така и политички.

– Во изминатите години се продлабочуваше соработката на германските и македонските компании, а во октомври заедно со германско – македонската стопанска комора во Скопје ќе отвориме регионално претставништво на германската економија. Од Скопје ќе бидат опслужувани и германските компании во Тирана и во Приштина на кои ќе им се нудат услуги за полесен влез на тој пазар, изјави Толксдорф.

Трговската размена меѓу Македонија и Германија која е најголем надворешен трговски партнер првпат оваа година ќе ја надмине сумата од три милијарди еври.

Според Толксдорф, земјите од регионот самите го имаат клучот за развој и стабилност, имаат и желба за приближување кон ЕУ а неговата земја е секогаш тука за да им помогне на тој пат. Изборите закажани за 11 декември, оцени, се императив за Македонија со цел забрзување на евроинтеграциите.

На приемот во организација на Македонската амбасада во Берлин присуствуваа над 200 гости од германскиот политички, дипломатски, бизнис и културен живот, како и членови на македонската заедница во Сојузна Република Германија.

Обраќајќи се пред присутните гости амбасадорот на Република Македонија Сашо Марковски зборуваше за македонскиот развој, интеграции и реформи како единствен пат по кој се движи земјата. На тој пат како држава и како народ наидовме на многи препреки за кои наоѓавме не секогаш едноставни решенија и кои се надминати со воља, верба и компромиси, порача амбасадорот според кого никој не треба да има дилеми дека стратешките цели на Македонија се членство во ЕУ и НАТО.

Related Articles