Фајненшл тајмс: ЕУ сака да прими шест балкански држави, меѓу нив е и Македонија

 Breaking News

Фајненшл тајмс: ЕУ сака да прими шест балкански држави, меѓу нив е и Македонија

Фајненшл тајмс: ЕУ сака да прими шест балкански држави, меѓу нив е и Македонија
February 02
13:05 2018

Планот на ЕУ е во членството да вклучи шест балкански земји: Албанија, Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, но исто така и самопрогласената држава Косово, пишува „Фајненшл тајмс“.

Според наводите на весникот, главна причина за ваквиот потег на Брисел е тоа дека Балканот служи како терен преку кои илјадници мигранти стигаат до територијата на Европската Унија. Сепак, тоа не е сè. „Фајненшл тајмс“ исто така тврди дека стратезите на ЕУ стравуваат дека Русија опасно ја проширува својата зона на влијание, токму во областа каде што традиционално веќе има свои сојузници.

Било забележано, пишува весникот, дека Москва почнала цинично да ги коментира ветувањата за членство што ЕУ ги дава за земјите од Западен Балкан наметнувајќи се себеси како алтернатива.

„Значителен број жители на Балканот сметаат дека нивните земји никогаш нема да влезат во ЕУ“, изјавил Флоријан Бибер, експерт за Југоисточна Европа на универзитетот во Грац.

Новиот план на Брисел ќе биде претставен во Европската комисија на 6 февруари кога ЕУ, според претходните најави, би требало да го претстави својот план за Западен Балкан. Се очекува дека новиот план ќе биде усвоен, наведува „Фајненшл тајмс“, пишува Макфакс.

Крајниот рок за „големото проширување на ЕУ“ е датумот што е често споменуван во регионалните и домашните медиуми, а тоа е 2025 година. Многумина сметаат дека ова е преамбициозна најава, но дипломатите на ЕУ наведуваат дека станува збор за неопходен потег, со цел да се консолидира врската помеѓу Брисел и државите создадени со распадот на СФРЈ.

Претставник на ЕУ, кој се залага за проширување на Унијата, за весникот изјавил дека шесте земји не се надвор од ЕУ, туку, напротив, дека тие се веќе внатре и дека му се потребни на Брисел. Исто така, според неговите зборови, 2025 е само рамка што може да биде подложна на промени.

Сепак, „Фајненшл тајмс“ укажува дека горенаведената шесторка, пред конечниот прием во ЕУ, ќе мора дефинитивно да ги реши сите отворени прашања што постојат со години, пишува Макфакс.

Related Articles