Да ви објаснам што е тоа војна: статусот на еден сараевец одекна на интернет

 Breaking News

Да ви објаснам што е тоа војна: статусот на еден сараевец одекна на интернет

Да ви објаснам што е тоа војна: статусот на еден сараевец одекна на интернет
September 03
22:00 2016

Статусот на Елдин Курбашиќ, објавен завчера, го привлече вниманието на луѓето од целиот Балкан, на кои постојано им се потураат војни и непријателства. Тој на својот профил на Фејсбук испрати јасна порака до сите што тензиите на Балканот ги гледаат како можност за подгревање на старите нетрпеливости и за поттикнување насилство. Ова е неговото воено упатство за почетници:

„Бидејќи се кренаа патриотите и родољубите од сите видови, од сите меридијани и паралели, сите бои на партиски книшки и имотни картички, се повикуваат војни, фронтови… Ред е да се сподели знаење, чиста емпирија, ништо препишано…

Војна за почетници (од аголот на војникот):

– Родителите од прозор гледаат како ридот го уништуваат илјадници гранати, а знаат дека ти си горе во акција. Додека го гледаат тоа, молат бога да се вратиш жив, па и по цена да останеш инвалид. Само да си жив.

– Не мора да те погоди куршум или шрапнел за да те убие во борба. Убива и детонацијата така што од експлозијата ти попукуваат органите. Првите симптоми се губење на свеста и повраќање крв.

– Се враќаш од акција на терен, па добиваш должност да одиш кај сопругата и мајката на другар ти, и кај неговата двегодишна ќерка, за да им кажеш дека нивниот маж, син и татко загинал. Се препорачува да имаш табла седативи со себе за одма да им ги дадеш, но тие вреснуваат во плач веднаш штом ќе те видат со двајца другари, бидејќи сосема сигурно немаш насмевка на лицето. Тогаш обавезно на пар моменти се замислуваш и претпоставуваш како твоите би реагирале на оваа ситуација.

– Размена на мртвите. E тоа е посебна дисциплина на психолошко сјебување. Превртуваш 120 тела за да го најдеш телото на роднина. Нема да навлегувам понатаму во детали.

– Откриваш дека крвоскокот од феморалната артерија е висок околу пола метар кога ќе ја искинат куршум/шрапнел, а ти ја ставаш дланката на артеријата на другиот човек, а со другата рака го вадиш неговиот јазик од гркланот за да не се задуши во шокот, кој настапува одма.

– Имаш 10 секунди за на другарот да му го запреш шиштењето од белите дробови пробушени од шрапнел (пневмоторакс). Ако немаш завој и оние негови гумени обвивки, може да помогне и целофанот од кутија цигари.

– Брзината на шрапнелот е околу 1 км во секунда, лета во неправилна патека околу својата оска, со неправилна форма од повеќеслојниот одлив на метал, со врелина од околу 200 °Ц, и кине ткиво, коски, вени и артерии во дел од секундата.

– Глувчешка треска: ако си во ров и си се навикнал на стаорци големи како мачка, додека лежиш ги гледаш како одат по најлонот над тебе, на болеста наречена глувчешка треска, а многу е честа кај војници во ровови, твоите бубрези сосема сигурно нема да се навикнат на неа.

– Зимзеленото дрво пука само од себе на температура од околу минус 17 °Ц додека ти си на стража.

– Она кога од Итно ви советуваат да се облекувате повеќеслојно добива нова димензија кога мораш месец дена, а некогаш и повеќе, да бидеш така облечен во кал до колена.

– Кога мораш да ги занемариш хранливите вредности на маргаринот што го добиваш на кришка леб за доручек и со него да ги намачкаш своите војнички чизми, зашто ти е побитно во снегот да имаш суви нозе во чизмите отколку полн стомак.

– Бајонетот не се носи за да колеш некого, туку за да се вкопаш во ледена и тврда земја на некоја чистинка (во лудачки јуриш во кој те пратила командата во која седат хохштаплери и дилетанти) во рок одма кога ќе те поклопи непријателската артилерија.

– Непријателскиот снајперист е подосаден од кој било комарец.

– Оружјето секогаш суво МОРА да ти биде! Нема тоа водоотпорен сертификат како некои мобилни денес.

– Напливот на адреналин кога те држат во карантин пред акција е константен и посилен е околу 845 пати од оној во моментите на првото сексуално искуство.

Има уште, ама мислам дека и ова е доволно за на сите вжештени глави што сакаат да војуваат да им порачам: Не ги повикувајте војните ако не сте спремни да го поднесете сето ова и уште десет пати толку, вие и вашите синови.“

Related Articles