60 години од раѓањето на Борис Трајковски: 60 гулаби ќе полетаат кон небото

 Breaking News

60 години од раѓањето на Борис Трајковски: 60 гулаби ќе полетаат кон небото

60 години од раѓањето на Борис Трајковски: 60 гулаби ќе полетаат кон небото
June 25
15:27 2016

На овој ден се навршуваат 60 години од раѓањето на трагично загинатиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски

По тој повод на гробот на претседателот во Алејата на великаните на градските гробишта Бутел, во 10 часот ќе биде положено свежо цвеќе.

Градоначалникот Петре Латиновски ќе ја предводи делегацијата од општина Бутел, а свежо цвеќе ќе положат претставници од сите основни училишта од општината, повеќе невладини организации и здруженија на граѓани, а секако и членови од семејството Трајковски.

Во чест на претседателот ќе бидат прочитани песни од стихозбирката “Спомени за Борис Трајковски” во која се застапени авторски песни на ученици од основните училишта во општина Бутел.

Исто така, од Алејата на великаните ќе полетаат шеесет гулаби, кои над македонското небо ќе ја понеса пораката за мир, за кој секогаш се залагаше претседателот Трајковски.

Борис Трајковски е роден во струмичкото село Моноспитово на 25 јуни 1956 година, а загина во Мостар, на 26 февруари 2004 година. Тој беше вториот претседател на независна Македонија, од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Траjковски дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализирал деловно право и право на работни односи. До 1997 година е раководител на правната служба на градежното претпријатие „Слобода“ од Скопје, од 1997 до 1998 година е шеф на Кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода – Скопје, а од 21 декември 1998 година е заменик министер за надворешни работи на Република Македонија во десно-центристичката влада предводена од Љубчо Георгиевски.

Траjковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно – политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија, член на меѓународната конференција: “Решавање на конфликти” со седиште во Атланта, САД, учествувал на многубројни меѓународни конференции со тема решавање на конфликти, религиозна толеранција, религиозна слобода, бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран на претседателските избори во 1999 година.

Related Articles