ФОТО: Заев прв наточи зелена нафта на тракторот во село Кравари, Битолско

 Breaking News

ФОТО: Заев прв наточи зелена нафта на тракторот во село Кравари, Битолско

ФОТО: Заев прв наточи зелена нафта на тракторот во село Кравари, Битолско
July 31
14:02 2019

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николчо Бабовски денеска во село Кравари, Битолско ги доделија првите персонализирани платежни картички за набавка исклучиво на „Еуродизел” гориво за земјоделска механизација, со кои државата субвенционира 30 проценти од трошокот за гориво, со цел да се поттикнат и да им се помогне на земјоделските производители да го окрупнат своето производство.

Денеска од најголемата житница во нашата земја, од Пелагонија, го промовираме почетокот на мерката за поевтино гориво за земјоделската механизација.

За мерката од Програмата за директни плаќања обезбедивме 200 милиони денари, толку пари ќе се вратат назад кај земјоделците.

Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци, кои имаат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади, истакна премиерот Заев при доделувањето на картичките, мерка која придонесува за значително намалување на производните трошоци, поекономично производство, набавка на гориво за земјоделска механизација за значително пониска цена и поголема заработувачка за производителите.

Посочувајќи дека земјоделците повеќе од 10 години ја истакнуваа потребата од “зелена” или поевтина нафта, премиерот Заев подвлече дека постои тенденција за зголемување на процентот на субвенционирање од сегашните 30 проценти до 50 проценти од малопродажната цена на горивото.

Истовремено, премиерот Заев оцени дека со воведувањето на мерката “зелена нафта”, Владата го исполнува ветувањето дадено кон земјоделците за нивното најголемо барање, заложувајќи се да продолжи следењето на нивните препораки за подобрување на амбиентот за рентабилно и конкурентно производство.

Пресметката за тоа, кој земјоделец колку ќе има на картичката, ќе зависи од видот на производството кое го пријавил за субвенции.

Согласно методологијата, за хектар јаболко, круша, слива, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка, поддршката по хектар ќе биде 2.800 денари, за пченица, јачмен, пченка, овес, ‘рж, ориз, хељда, изнесува 750 денари по хектар и во согласност со тоа, кој колку хектари има пријавено толку ќе биде вкупната поддршка за субјект.

Најнискиот износ кој ќе биде одобрен за мали производители е 500 денари, додека највисокиот износ е лимитиран до 100.000 денари.

„До сега исплативме близу 300 милиони евра субвенции, вложивме 70 милиони евра во системи за наводнување, започнуваме капитални инвестиции во изградба на ладилници, се враќа земјата во рацете на вистинските земјоделци и го решаваме најважното прашање-пласманот”, подвлече премиерот Заев додавајќи дека продолжува практиката за враќање на парите кај граѓаните, со што се засилува економијата и се отвораат шанси за сите.

Министерот Димковски информираше дека освен земјоделците од Подрачната единица на Битола своите персонализирани платежни картички ќе може да ги подигнат и сите земјоделски стопанства кои спаѓаат во подрачните единици на ресорното Министерство во Битола, Прилеп, Кривогаштани, Штип, Свети Николе.

Висината на средствата на платежната картичка зависи од големината на површините и земјоделските култури, а согласно барањата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година.

Земјоделците треба до крајот на април 2020 година целосно да ги искористат средствата кои им се на картичките.

Со утврдениот износ, ќе можат да купат исклучиво „Еуродизел“ гориво за земјоделска механизација, а картичката ќе можат да ја користат повеќекратно, се до исцрпување на нејзината вредност”, подвлече министерот Димковски.

Тој ја истакна заложбата на Владата и ресорното министерство за преземање мерки со кои се овозможува силна и континуирана поддршка на земјоделците и кои помагаат за поттикнување на зголемено и модернизирано производство и олеснување на трошоците.

Тековно, во наредните денови ќе продолжиме со дистрибуција на платежните картички од останатите подрачни единици.

Сакам да апелирам до сите корисници на оваа мерка пред да почнат со искористување на средствата, прво да ја активираат картичката на најблиската бензинска станица, информираше директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски.

Бабовски објасни дека доколку износите од решението и картичката не се исти, корисникот треба да изврши пријава во подрачната единица на Министерството од каде што ја подигнал истата, а ја објасни и процедурата за плаќањето на горивото со картичката, која може да се користи само од лицето чие име е наведено.

Корисникот ја става картичката во читачот и по звучниот сигнал го внесува ПИН кодот.

По извршеното плаќање ќе му биде издадена фискална сметка заедно со интерната сметка од точењето на горивото.

На интерната сметка, корисникот може да го прочита преостанатиот лимит на картичката, додаде директорот Бабовски.

Премиерот Заев во рамки на работната посета на Битолскиот регион ќе присуствува и на доделување решенија од мерката за капитални проекти на општините од Пелагонискиот регион кои аплицирале во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Исто така, премиерот Заев заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ќе извршат увид на градежните активности од рехабилитацијата на регионалниот пат Битола-Демир Хисар.

На најблиската бензинска станица претставниците на Владата го презентираа начинот на кој се користат персонализираните картички за „Еуродизел” гориво за земјоделска механизација, со кои државата субвенционира 30 проценти од трошокот за горивото.

Коментари

Њуз24 се оградува од коментарите на содржините

Related Articles