Проф. д-р Даниловски предлага модел за масовно тестирање во Македонија

 Breaking News

Проф. д-р Даниловски предлага модел за масовно тестирање во Македонија

Проф. д-р Даниловски предлага модел за масовно тестирање во Македонија
April 05
19:20 2020

Нашиот епидемиолог предлага масовно тестирање според територијален принцип, со помош на комбинација на брзи серолошки и постоечките молекуларни тестови, операција во која клучна улога би одиграле матичните лекари и локалните центри за јавно здравје.

Колективен имунитет е форма на индиректна заштита од заразна болест која се јавува кога голем процент од популацијата станала имуна на инфекција, без разлика дали е направена преку претходни инфекции или вакцинација, со што се обезбедува мерка на заштита за лица кои не се имуни.

Обично, луѓето стануваат имуни преку вакцинирање. Но, сè уште нема вакцина за коронавирус, така што колективниот имунитет може да се постигне, во моментов, само ако доволно луѓе заболат и закрепнат, при што ќе развијат имунитет.

Целта е да спасиме животи, да ги заштитиме најранливите популациски групи и да го олесниме притисокот врз нашиот здравствен систем.

Не е целта достигнување на заштитно ниво на колективен имунитет во краток временски период. Колективниот имунитет е научен концепт, не е цел или стратегија. Тој е „природен нус-производ на една епидемија“.

Вака проф. д-р Драган Даниловски, во својата подолга статија за Доктори.мк го коментира постојаното спомнување на нивото на колективен имунитет од 60 проценти, како ниво неопходно за да стивне епидемијата.

Коментирајќи ги мерките што се преземаат кај нас, д-р Даниловски вели дека тие би биле доволни кога би се почитувале од страна на граѓаните.

Но, сè уште постои масовно непочитување на мерките за одржување на социјална дистанца. Евој епиодемиолог предлага државата да донесе Уредба за задолжително носење маски и на отворено, зашто последните согледувања се дека вирусот се пренесува и со дишење и зборување (дека и тогаш се формираат т.н. биоаеросоли).

Професорот Даниловски се залага и за рано откривање и изолирање на кластери на случаи, преку масовно тестирање на ризични групи население.

„Се проценува дека оваа група на мерки спречува повеќе инфекции, отколку ограничувањата на патувања и редукцијата на социјални контакти. Меѓутоа, ако се комбинираат, се постигнува најсилен и најбрз ефект.

Примерите на Кина, Сингапур и Јужна Кореја, кои ги комбинирале рестрикциите со ригорозни мерки на тестирање на секој можен сомнителен граѓанин, претставуваат модел за Европа“, вели д-р Даниловски.

За да се обезбеди што е можно пореална и поцелосна претстава за дистрибуцијата на скриените кластери на инфекции (за да може и што поефикасно да се неутрализираат), професорот Даниловски предлага конкретен модел на масовно тестирање во Македонија:

„Постоечките рестриктивни мерки мора да се искористат, да се спроведе студија на пресек (трансверзална студија – cross sectional study) во целата држава, со која ќе се согледа постојат ли скриени кластери на позитивни случаи? Кои, нели, играат улога на ‘неми’ сејачи на вирусот околу себе.

За таа цел, неопходно е да се тестира што пошироко населението, според територијален принцип. Треба да се употребат регионите што ги покриваат Центрите за јавно здравје.

На секој од нив да се дистрибуираат брзи серолошки тестови, пропорционално на бројот на населението. Со помош на локалната самоуправа, тие да ги мобилизираат докторите од примарната здравствена заштита за спроведување на тестирањето.

Секој матичен доктор да го посети секое семејство на граѓани кои се запишани кај него. При тоа да тестира макар еден член во семејството со брз тест. Резултатот е готов за 10 минути.

Ако тестираниот е негативен на ИгМ и/или ИгГ антитела, другите членови на семејството не ги тестира.

Ако се констатира позитивен наод, се тестираат и сите други членови на семејството, а на позитивниот докторот му зема брис за ПЦР (матичниот доктор треба да носи со себе и брисеви)“.

Се разбира, целата операција што ја предлага овој епидемиолог треба да се изведе на државна сметка. Извор Доктори.мк

Related Articles