Вечерва се огласија од Народна банка за последните случувања со Еуростандард банка

 Breaking News

Вечерва се огласија од Народна банка за последните случувања со Еуростандард банка

Вечерва се огласија од Народна банка за последните случувања со Еуростандард банка
August 12
20:00 2020

Вечерва се огласија од Народната банка и Фондот за осигурување на депозити преку соопштение, во продолжение интегрално:

Денес, 12 август 2020 година, Народната банка, постапувајќи согласно со Законот за банките, ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје. Укинувањето на дозволата се должи на неисполнување на минимални законски услови за работење на банка.

Депозитите на граѓаните во „Еуростандард банка“ АД Скопје кои согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити се осигурени ќе бидат обесштетени од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), во износ до 30.000 евра по лице. Од ФОД ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4% од физичките лица – депоненти во „Еуростандард банка“ АД Скопје.

Исплатата од страна на ФОД ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари (со состојба на 31 јули 2020 година). ФОД располага со доволен обем на средства и исплатата на депозитите ќе се спроведе навремено.

Учеството на „Еуростандард банка“ АД Скопје во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем, со состојба на 30 јуни 2020 година е само 1,3%, 1,7% и 1,6%, соодветно, и со тоа воопшто не ја доведува во прашање стабилноста на банкарскиот систем.

Банкарскиот систем е и останува стабилен и добро капитализиран, со висока ликвидност.

Потврда за ова се податоците за банкарскиот систем со состојба на 30 јуни 2020 година.

Меѓу другото: Стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем забележа натамошен раст и е во рамки на историскиот максимум, 17%. Таа е повеќе од двојно повисока од законскиот минимум. Со изземање на „Еуростандард банка“ АД Скопје, адекватноста на капиталот на системот се зголемува и изнесува 17,2%.

Сите други банки и штедилниците во првата половина од оваа година работат со добивка и ликвидноста ја одржуваат согласно супервизорските стандарди (околу 30% учество на ликвидна актива во вкупна актива на банкарскиот систем).

Соопштение со подетални информации и Информации наменети за физичките и правните лица коишто ги користеле услугите и производите на „Еуростандард банка“ АД Скопје на сајтот на НБРМ.

За дополнителни информации, физичките и правните лица коишто ги користеле услугите и производите на „Еуростандард банка“ АД Скопје, може да се обратат секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот на:

е-адресата: info fodsk.org.mk или на телефонските броеви: 02/ 3235-730 и 02/ 3235-735 (ФОД) и

е-адресата: info nbrm.mk или на телефонскиот број: 02/3108-550 (Народна банка).

Related Articles