Од март поскапува такси превозот, наместо 2 км таксиметрите ќе почнат да отчукуваат по изминат 1,5 км, гевгеличани ќе плаќаат поскап такси превоз
Советот на општина Гевгелија го прифати барањето од Здружението на такси превозниците од општинава за поскапување на такси превозот почнувајќи од 1 март.
Како главна причина во барањето такси превозниците ја истакнаа високата цена на нафтата која континуирано поскапува и зголемените трошоци во работењето предизвикани од неа.
Според одлуката, цената за старт на возењето како и досега останува непроменета, 50 денари, но наместо од два километри таксиметрите ќе почнат да отчукуваат по изминат 1,5 километар. Минута чекање ќе се наплатува по четири денари, а единствено непроменета останува цената од 23 денари за изминат километар.
Во периодот до први март такси превозниците имаат обврска да ги баждарат таксиметрите и да ги прилагодат за работа според новиот тарифник. Сообраќајните инспектори во соработка со сообраќајната полиција и претставници од Управата за јавни приходи ќе спроведат акциски контроли за исправноста на таксиметрите и спроведување на одлуката.