Најпознатата вдовица остана во солзи, но е добро згрижена, почина на 91 година основачот на „Плејбој“ Хју Хефнер
Хју Хефнер, легендарниот издавач на списанието „Плејбој“, почина вчера во неговиот дом во Лос Анџелес на 91 годишна возраст. Хефнер го основа „Плејбој“ во 1953 година во Чикаго, откако претходно дал отказ од списанието „Есквајр“, гневен поради тоа што одбиле да му ја зголемат платата. „Плејбој“ веднаш станува сензација, благодарение на разголените фотографии на познати и помалку познати актерки, манекенки и „зајачици”.
Хефнер го промовира „Плејбој“не само како списание туку и како начин на живот, организирајќи луди забави во неговата палата во Лос Анџелес. Издавачот самиот дава пример со честите врски со своите „зајачици“ од средните страници на списанието, наведувајќи по неколку од нив како неговата прва, втора или трета девојка.
Во 1986 година, поради здравствени проблеми, Хефнер донекаде го смирува дивиот начин на живот и се жени со Кимберли Конрад, 36 години помлада манекенка со која има две деца. Тоа е втор брак за Хефнер – од првиот брак, кој го склучил пред „Плејбој“ ерата, исто така има две деца.
Бракот пропаѓа десетина години подоцна, а во 2012 Хефнер се жени со тогаш 26 годишната Кристал Харис. – Горд сум на тоа што го сменив начинот на кој луѓето гледаат на сексот. Луѓето сега можат да живеат заедно, со што ја деконтаминиравме забраната за предбрачен секс. Тоа е мојот голем успех, изјави Хефнер, прашан од весникот „Њујорк тајмс“ за неговото најголемо достигнување.
Хефнер инсистирал дека неговите бројни испреплетени љубовни врски не претставуваат мамење на партнерките, туку дека отворените врски се негов животен избор, дури кога во прашање биле и сестрите близначки со кои живеел паралелно. Неговото семејство, Хефнер велел, потекнувало од пуритански доселеници и не дозволувале пиење алкохол, а разговорите за секс и разврат се сметале за строго забранети, што Хефнер вели дека придонело за неговите натамошни авантури.
Списанието е познато и по сериозните авторски текстови и карикатури, отстапувајќи простор за писатели кко Сол Белоу, Владимир Набоков, Артур Кларк и Маргарет Атвуд. Хју Хефнер зад себе остави четири деца и млада сопруга – Кристал Хефнер.
Шест децении помладата Кристал, како и претходната госпоѓа Хефнер, беше “плејбој зајачица“ во неговата вила, а бурмата ја носи од 2012 година. Кристал сепак нема да го наследи 43 милијарди вредното богатство. Сопственикот на „Плејбој“ пред оваа драстично помлада сопруга имал два брака од кои има четири деца, кои ќе го наследат. Интересно е што пред бракот Кристал потпишала предбрачен договор според кој, како што пишуваат медиумите, ќе биде згрижена.
Сепак, таа не е дел од тестаментот на Хефнер, по негова желба. Интересно е и тоа дека неговата сопруга не го нашла без свест, туку неговиот син. Инаку, бракот на Хефнер и Кристал крена многу прашина во медиумите и јавноста.
Во моментот кога се венчаа во 2012 година, младоженецот имал 86 години, а невестата само 26. Сопственикот на „Плејбој“ својата избраничка ја запроси на Божиќ во 2010 година. Хефнер се огласи на твитер и запросувањето го опиша како “најубавиот божиќен викенд на кој се сеќава“.