Честитки за Македонските јунаци – Тунис на колена пред Македонија!
Македонската ракометна репрезентација со победа го почна Светското првенство во Франција, откаки денес во Мец го совлада Тунис со 34-30 (13-14) во меч со неверојатно добар финиш на нашите момци. Со оваа победа се отвораат големи хоризонти за нашиот национален тим во Б групата.
Со експеримент се почна буквално од првата секунда, Македонија го имаше првиот напад и тргна без голман, со Велко Маркоски како втор пивот. Миркуловски го погоди првиот, а Кире Лазаров вториот напад за Македонија, па набрзина поведовме со 2-0. Во следните два напади Мисауи ги запре обидите на Георгиевски и на Манасков, па Тунис експресно дојде до израмнување.
Во одбраната почнавме со 5-1 и Велко Маркоски како најистурен, но бековите на Тунис влегоа во ритам и преку Жалуз противникот за првпат поведе (2-3). Во нападот во ритам влезе Стоилов, кој со три брзи гола повторно го сврте резултатот во полза на „црвено-жолтите“ за водство од 7-6, а при 8-7 во игра влезе Талески како најистурен играч во дефанзива. Кире Лазаров го продолжи своето шутерско шоу, па со неговиот четврти погодок Македонија за првпат дојде до „плус два“ (9-7).
Во македонската репрезентација Кирил Лазаров како и по обичај беше најефикасен и постигна 12 гола. Вториот меч на шампионатот Македонија го игра в сабота против Ангола.