Се смирија Власта и опозицијата и заедно конечно го изгласаа петтиот пакет мерки

По два месеца драми и натегање меѓу пратениците, попладнево пратениците и од власта и од опозицијата, конечно го изгласаат петтиот пакет мерки од кои зависеше финансиската помош за граѓаните и фирмите за време на пан демија и од кои зависеше исплатата на платите за работниците за февруари и март.
Пратениците од опозицијата влегоа во Собрание и присуствуваа на седницата, па мерките беа изгласани со поддршка и од власта и од опозицијата.
Претходно пратениците од владејачкото мнозинство изгласаа дваесетина закони кои беа на ред на 32. седница. Законите од петтиот пакет се во собраниска процедура од средината на февруари, но пратениците никако не можеа да се усогласат да ги изгласаат.
Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Мерките се распределени во четири столба – директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити, креирање на поволно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и поддршка за граѓаните.