Се огласи Ковачевски: Граѓаните може да ме видат на кеј каде редовно трчам

 Breaking News

Се огласи Ковачевски: Граѓаните може да ме видат на кеј каде редовно трчам

Се огласи Ковачевски: Граѓаните може да ме видат на кеј каде редовно трчам
November 28
12:51 2021

СДСМ треба интензивно да ја спроведува европската агенда, но не може да очекуваме дека ЕУ или некој друг ќе ни ги реши проблемите. Приоритет мора да е домашната политика, подигање на животниот стандард на граѓаните, јакнење на економијата.

Ова во интервју за МИА го вели Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, кој вчера изјави ќе се кандидира за лидер на партијата, откако социјалдемократите во петокот ја утврдија оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и распишаа внатрепартиски избори по пат на непосредно гласање што ќе се одржат на 12 декември.

На обвинувањата на опозицијата оти е „маша“ во рацете на Заев, Ковачевски вели оти не е ничиј човек, туку, како што изјави, „човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ“ и оти како долгогодишен член на СДСМ ја очекува поддршката од многу сопартијци, актуелни и минати функционери.

Ковачевски додава дека СДСМ секогаш била и мора да остане партија која обединува.

Во овој процес многу е важно да го зајакнеме единството и да го мотивираме секој член да се приклучи на промените.

Верувам дека со нова стратегија и реорганизација на партијата брзо ќе ја вратиме и зголемиме поддршката.

Јас сум ослободен од внатрепартиски поделби и игри кои ги сметам за многу непродуктивни.

Јас верувам дека можеме да ја вратиме поддршката веќе на следните избори, но само доколку граѓаните и членовите на СДСМ ја видат потребната промена во партијата и начинот на раководење и во Владата и во самата партија, вели тој во интервјуто за МИА.

Целосното интервју со новиот кандидат за лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски може да го прочитате на МИА, каде што тој вели дека:

Приватно сум оженет и горд татко на две деца. Секој слободен момент се трудам да го поминам со семејството, но и да најдам време за спортски активности бидејќи од млад сум многу активен.

Граѓаните често може да ме видат на кеј каде редовно трчам. ИзворМИА.

Инаку, Димитар Ковачевски, роден 1974 година во Куманово, е доктор на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Тој е предавач на додипломските, последипломските и докторските студии и автор на голем број научни трудови од областа на економија и менаџмент објавени во меѓународни научни списанија и конференции.

Работната кариера ја започнува во Македонски телеком АД Скопје како соработник за финансии и координатор за регулирање и хармонизација на контрола на финансии (1998-2005), а потоа напредува на низа менаџерски позиции, директор на управување со маркетинг и продажба (2005-2008), директор на маркетинг комуникации (2008 -2010), директор на комуникации (2010-2016) и директор на резиденцијална продажба (2016-2017).

Бил дел од меѓународниот бренд комитет и меѓународниот комитет за комуникации на Дојче Телеком (2008-2016). Потоа станува Извршен директор на оне.Вип Македонија, А1 Македонија, дел од Телеком Австрија Групацијата (2017-2018). Дел е од воспоставувањето високотехнолошка старт ап компанија за производство и развој на елементи за производство на електрична енергија од обновливи извори (2018-2020).

Во текот на професионалната кариера работи на низа корпоративни проекти за интеграција на деловни процеси заради зголемување на ефикасноста и профитабилноста на компаниите.

Дел е од проектните тимови за имплементирање на SAP интегриран систем за управување со материјалното и финансиско работење и CRM интегриран систем за управување со клиенти. Средното образование го започнува во гимназијата “Гоце Делчев„ во Куманово, а го завршува во Вотервил Елизиан Мористаун Гимназијата во Минесота, САД. Во 1998 година дипломира на Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, Економски Факултет, а на истиот факултет магистрира во 2003 година. Докторските студии по економија ги завршува на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Гора во 2008 година каде се стекнува со титулата доктор на економски науки.

Стручно усовршување поминува на Школата за Бизнис при Харвард Универзитетот во 2011 година, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот Универзитет во Минхен каде стана ЕФЕР ЕЕЦ алумни во 2015 година, Ротердам Школото за Менаџмент при Еразмус Универзитетот во Холандија во 2016 година и ЕАДА Бизнис Школото во Барселона, Шпанија во 2017 година. Зборува течно англиски јазик, се служи со германски јазик и користи низа интегрирани информациони системи.

Академската кариера ја започнува како насловен доцент на Њу Јорк Универзитетот во Скопје (2009-2012), а ја продолжува како доцент на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (2012-2018).

Во 2018 година е избран за вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Дел е од низа меѓународни и домашни проекти меѓу кои се Проектот Интернационализација преку онлајн микро мастерс и виртуелна мобилност спроведен од Витаутас Магнус Универзитетот Литванија, ДОБА Бизнис Школо Словенија, Истанбул Универзитет Турција и ИКС Скопје (2020), Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) и СБ, Подпроект:

Капацитет и иновации на туристички услуги за одржлив локален економски раст во Северна Македонија спроведен од Фајнанс Тинк и Институт за економски истражувања и политики Скопје (2019), Проектот за зголемување на конкурентноста на мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија, спроведен од Институт за економски истражувања и политики Скопје (2019) и Проектот е-ПРОФМАН, Програма за професионален развој за иновативен менаџмент, лидерство и стратегиски комуникации спроведен од ДОБА Бизнис Школо Словенија, Истанбул Универзитет Турција и ИКС Скопје (2016-2017). Во 2020 година беше дел од Економскиот Советот на Владата на Република Северна Македонија за справување со економски последици предизвикани од пан емијата од Коронавирусот – Извор Влада.

Related Articles